Изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива со добра динамика и се очекува да заврши до 2029 година, но проектот се соочува со опструкции во околината на Прилеп. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека група граѓани ја блокира работата во месноста Ореовец, штитејќи, како што рече, дивоизградени објекти.
Според Николоски, блокадата оневозможува пристап до наоѓалиште на материјал за потребите на државниот изведувач, додека во непосредна близина непречено функционира приватен каменолом. Тој посочи дека поради оваа ситуација, државата е принудена да набавува материјал од приватни извори и да плаќа дополнителни трошоци за транспорт.
Министерот наведе дека финансиските последици од ваквата состојба може да достигнат и до 100 милиони евра, оценувајќи дека станува збор за сериозен удар врз државниот буџет.
Николоски истакна дека е недозволиво приватни интереси да блокираат стратешки проект, додавајќи дека државата нема да дозволи попречување на клучните инфраструктурни активности.
Од Министерството за транспорт очекуваат блокадата да биде отстранета во најбрзо време, со цел градежните работи да продолжат без понатамошни прекини.