Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) е оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“ по завршувањето на процесот на оценување спроведен согласно НАТО-стандардите, соопшти Армијата на Северна Македонија.
Оценувањето се реализираше во кампот за обука „Пепелиште“, по завршувањето на активностите од вежбата „Блесок 26“ и последниот настан од главната листа на настани и инциденти. Според Армијата, оценувачкиот тим и НАТО-мониторите потврдија дека единицата ги исполнува сите предвидени стандарди за копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО.
НАТО-мониторот, полковник Христос Стаматиу од НАТО-корпусот за брзо распоредување во Грција, истакна дека процесот е спроведен професионално и во согласност со пропишаните процедури, додека директорот на оценувачкиот тим, потполковник Горан Кимов, нагласи дека единицата постигнала високи резултати.
На соопштувањето на оценката присуствуваше и командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, кој им се заблагодари на учесниците и на НАТО-мониторите за професионалниот пристап.
Од Армијата наведуваат дека со ова оценување, ЛПБГ ја потврди својата борбена подготвеност и интероперабилност со сојузниците во НАТО.