Грчкиот парламент им го одзеде пратеничкиот имунитет на 13 пратеници од владејачката партија Нова демократија, поради сомнежи за вмешаност во злоупотреба на европски земјоделски субвенции.
Во фокусот на истрагата е државната агенција ОПЕКЕПЕ, задолжена за распределба на средства од Европската Унија. Според Европското јавно обвинителство, во периодот од 2019 до 2024 година бил воспоставен систем на измама преку фалсификување документи за сопственост на земјиште, при што биле проневерени над 22 милиони евра.
Поради сериозните пропусти во управувањето, Брисел веќе ја казни Грција со 390 милиони евра. Случајот отвора длабоки прашања за контролата врз европските фондови и ја става грчката Влада под силен јавен и политички притисок.