На армискиот полигон „Криволак“ продолжува воената вежба „Блесок 26“. Единиците од составот на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) изведуваат офанзивни операции според повеќе сценарија, а процесот го следат оценувачки тимови и монитори од НАТО, информираат од Генералштабот на Армијата.
Активностите се реализираат според планираната динамика и опфаќаат движење на терен, заземање позиции, реакција на контакт и инженериска поддршка. Со вежбата се нагласува координираното дејствување и навремената реакција согласно стандардните оперативни процедури на единицата.
Во текот на вежбата, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, и командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, извршија обиколка и увид во реализацијата на задачите на терен.