Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, најави дека ќе има дополнителни мерки за справување со нафтената криза, истакнувајќи дека Владата веќе презема активности за ублажување на последиците.
Во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија, тој посочи дека актуелната криза е посериозна од претходните, нагласувајќи дека според Светската енергетска агенција станува збор за една од најголемите енергетски кризи досега.
Мицкоски направи споредба со 2022 година, наведувајќи дека тогаш инфлацијата била над 10%, додека сега се движи меѓу 4,5% и 4,9%. Тој истакна дека разликата во стандардот со европските земји е намалена, иако животот останува тежок.
Премиерот додаде дека Владата се соочува и со наследени долгови, но паралелно работи на намалување на буџетскиот дефицит и зголемување на платите. Според него, досегашните мерки дале резултати, но не се доволни.
Тој нагласи дека и покрај тоа што буџетот е веќе значително оптоварен, ќе се разгледаат нови чекори за ублажување на последиците од кризата и подобрување на животниот стандард.