МВР соопшти дека до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава против Т.З. (37), Б.К. (54) и А.А. (41) од Дојран, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Случајот се однесува на настан од 29 април 2024 година, кога при извршување на службените должности во управна постапка, осомничените постапиле спротивно на повеќе закони, меѓу кои Законот за заштита на Дојранското Езеро, Законот за води и Законот за градење.
Според МВР, првоосомничениот, во својство на општински инспектор, изготвил градежна дозвола за хотелски објект без потребната водостопанска согласност. Второосомничениот, како виш референт за урбанизам, ја одобрил документацијата и покрај недостатоците, додека третоосомничениот, во тоа време градоначалник на Општина Дојран, ја потпишал и ја издал дозволата.
Од МВР посочуваат дека по целосното документирање на случајот, ќе следуваат понатамошни законски постапки.