До крајот на мај ќе биде поставена нова платформа пред Смоларскиот водопад, откако претходната беше уништена во пожар пред две години. Паралелно со ова, ќе се реализира и асфалтирање на пристапниот пат што води до водопадите.
Планирани се инвестиции во вкупна вредност од околу 100.000 евра, со цел дополнително поттикнување и развој на руралниот туризам во овој регион.
Дополнителни зафати се најавени и кај Колешинскиот водопад, каде ќе се изврши реконструкција на платформата и уредување на постојните летниковци.
Со претстојните првомајски празници започнува периодот на зголемена посетеност на водопадите на планината Беласица, кои во Општина Ново Село привлекуваат илјадници туристи, особено за време на викендите.