Катарскиот премиер и министер за надворешни работи, Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, изјави дека постои „голема веројатност“ САД и Иран да постигнат договор, оценувајќи дека дипломатските напори се во напредна фаза. Тој ја осуди употребата на Ормушкиот Теснец како средство за притисок, нагласувајќи дека секој евентуален договор треба да ги земе предвид интересите на целиот регион.
Изјавата доаѓа по коментарите на портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, кој посочи дека Иран ги разгледува американските предлози за завршување на војната и дека официјалниот став ќе биде соопштен наскоро.
Претходно, претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е постигнат „голем напредок“ кон сеопфатен договор меѓу Вашингтон и Техеран и најави дека операцијата „Проект слобода“ за отворање на Ормушкиот Теснец привремено ќе биде суспендирана. Тој додаде дека, доколку не се постигне согласност, можно е повторно интензивирање на воените активности.
Според информациите објавени од порталот „Аксиос“, Белата куќа очекува одговор од Иран на неколку клучни предлози во рок од 48 часа. Предлог-меморандумот за разбирање, кој опфаќа 14 точки, предвидува прекин на воените дејствија и започнување 30-дневни преговори.
Во рамките на потенцијалниот договор се разгледуваат прашања како отворање на Ормушкиот Теснец, ограничување на нуклеарната програма на Иран и можно укинување на дел од санкциите, при што како локација за разговорите се споменува Женева.