Купувањето евтини производи од платформи како „Тему“, „Шеин“ и „Алиекспрес“ наскоро би можело значително да поскапи, откако Европската комисија најави нови правила за мали пратки што пристигнуваат од земји надвор од Европската Унија, пред сè од Кина.
Според планот, од 1 јули 2026 година би се вовела посебна такса за пратки со вредност под 150 евра, кои досега често пристигнуваа без дополнителни трошоци. Предвидена е паушална такса од три евра по пакет, а можно е да има и дополнителни давачки во зависност од видот на производот. Податоците на Европската комисија покажуваат дека во ЕУ секојдневно пристигнуваат околу 12 милиони мали пакети, при што дури 91 отсто доаѓаат од Кина.
Главната причина за новите мерки е засилување на контролата врз евтините производи кои, според Брисел, често не ги исполнуваат безбедносните стандарди на ЕУ, особено кога станува збор за козметика, електроника и производи за деца.
Новите правила би можеле да создадат и дополнителни трошоци за купувачите кои не се задоволни од нарачаната стока. Иако враќањето на пратките ќе остане можно, царинските давачки и дополнителните трошоци најверојатно нема да бидат рефундирани. Најпогодени би биле токму кинеските платформи кои последниве години доживеаја огромна популарност во Европа благодарение на ниските цени и бесплатната достава.
Во меѓувреме, големите логистички компании како DHL, FedEx и UPS предупредуваат дека новите правила може да предизвикаат доцнења и дополнително оптоварување на царинските системи низ Европа.