Владата ја одби иницијативата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за организирање референдум за ЕУ. Преку соопштение од Генералниот секретаријат, од Владата порачаа дека нема потреба да се трошат време и пари на граѓаните, нагласувајќи дека членството во Унијата останува нивна стратешка цел која веќе се реализира во пракса. Како клучни докази за сопствената европска агенда, извршната власт ги посочи последните одлуки кои доаѓаат од Брисел.
„Укинувањето на оценската мисија од Советот на ЕУ и отворањето на фондовите од Реформската агенда за Македонија е јасен показател за европската ориентација на оваа Владе“, се наведува во владиното соопштение, во кое се упатуваат и критики до опозицијата. „А како изгледа кога СДС се залага за референдум без гаранции за европската иднина, граѓаните можеа да видат низ пластичен пример од последниот референдум организиран 2019-та година. Тие и денес продолжуваат да бидат меко ткиво на македонскиот идентитет“, реагираат од Секторот за односи со јавноста на Владата.
На ова експресно реагираа од СДСМ, од каде што истакнуваат дека Владата на Мицкоски признава дека нема пари за организирање референдум на кој граѓаните треба сами да одлучат за својата иднина, што според нив е потврда дека буџетот е во лоша состојба поради секојдневно задолжување.
„Ова го зборуваме со месеци, бидејќи се задолжуваат секојдневно. Има пари само за криминалната група ВМРО. Има пари за 161 тендер за семејната фирма на Томовски, има пари за 93 тендери за Мастеф, има за 51 тендер преку општините за омилената фирма на власта Пирамид Билдинг, има пари за 74 тендери за Ленди груп, има 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, има од 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Има за нивните криминални тендери. Има за нов авион за Мицкоски да оди на море. Нема пари за поголеми плати, нема за 600 евра миниманлна плата, нема пари за мерки за граѓаните, нема пари за субвенции за земјделците. Нема за референдум на кој граѓаните треба да одлучат за својата судбина, за иднината на своите семејства и своите деца“, соопштуваат од опозициската партија, додавајќи дека граѓаните мора да ја земат одлуката во свои раце и порачувајќи: „Распишете референдум! Граѓаните нека одлучат!“.