Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема цена што може да ја натера Владата да влезе во евроинтегративна авантура без извесен крај на преговорите. Оваа реакција доаѓа еден ден по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ја потврди политиката на Брисел дека усвојувањето на уставните измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори.
„Многупати во минатото на граѓаните, но и на политичарите им беа давани ветувања, беа тапкани по рамо дека уште ова треба да се направи, но за жал ние се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 26 години“, изјави Мицкоски на прес-конференција, нагласувајќи дека патот кон ЕУ не е спринт, туку маратон кој бара стратегија, план и визија.
Премиерот оцени дека во Бугарија работите „драматично се радикализираат“ и дека не очекува промена на позициите на Софија по изборот на новата тамошна влада, која според него ќе се обиде да го пренесе вниманието од домашните проблеми врз ова прашање. Како главна причина за радикализацијата кај соседот, Мицкоски ја посочи домашната опозиција.
„Причината за тоа е опозицијата кај нас, која не избира средства за да ги урива позициите на Владата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и претставува мекото ткиво на македонскиот национален идентитет“, рече премиерот, повикувајќи ја јавноста на обединување околу владините политики. Тој додаде дека Македонија е вистински предводник („фронтранер“) во исполнувањето на условите во групата на Западен Балкан.