Министерството за правда соопшти дека постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски продолжува, независно од објавените информации дека тој уште во 2022 година стекнал унгарско државјанство.
Според Министерството, кое внимателно ги следи наводите во јавноста, Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки. Постапката за негова екстрадиција ќе се одвива согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции, при што ќе се преземаат сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија.
Истражувачкиот портал „ВиСквер“ (VSquare), повикувајќи се на владини извори, претходно објави дека Груевски, кој избега во Будимпешта во 2018 година, добил целосно унгарско државјанство врз основа на „државен интерес на Унгарија“. Според порталот, ваквиот статус ја прави неговата екстрадиција речиси невозможна.
Според информациите, од 2019 година кога последен пат реагирала тогашната министерка Рената Дескоска, македонските власти не се обратиле до Унгарија за да добијат информација за промената на неговиот статус од азилант во државјанин.
Од кабинетот на актуелниот министер Игор Филков потврдуваат дека и понатаму се бара Груевски да одговара пред македонските правосудни органи. Истовремено, сè уште не е соопштено дали се пристигнати документите за постапките против него од судот, МВР и од Обвинителството, кои Министерството ги побара на 14 април.