Педесет и двегодишен пациент доби ново срце, а 23-годишно момче бубрег, по успешна трансплантација од починат дарител, соопшти Министерството за здравство.
Пациентот кој го доби новото срце бил на националната листа за трансплантација уште од 2021 година. Покрај срцето и бубрегот, од починатиот донор биле експлантирани и донирани и коскени ткива. Според здравствените власти, сите пациенти кај кои се извршени трансплантациите моментално се во стабилна здравствена состојба.
„Огромна почит до семејството на починатиот донор, кое со оваа храбра одлука одлучи да го промени крајот на нечија приказна. Кога сме сплотени и имаме една ваква хумана мисија, заеднички и тимски може да поместуваме граници”, истакна националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.