Авион на израелската авиокомпанија „Исраир“ (Israir), кој требало да слета во Љубљана, бил пренасочен кон Загреб откако словенечките власти не му одобриле слетување, соопштија од компанијата.
Од „Исраир“ тврдат дека одлуката на словенечките власти била политички мотивирана. Извршниот директор на компанијата, Ури Сиркис, оцени дека ваквиот потег е спротивен на воздухопловните договори и на законодавството на Европската Унија. Тој изјави дека во обидите за решавање на ситуацијата биле вклучени и израелското Министерство за надворешни работи и Управата за цивилно воздухопловство, но не успеале да најдат решение за реализација на летот според планот.
Засега не се познати официјалните причини за забраната, а словенечките власти сè уште не се огласиле за случајот.
Инцидентот се случува по политичките промени во Словенија, каде што неодамна за премиер повторно беше избран Јанез Јанша. Неговиот претходник, Роберт Голоб, имаше значително покритичен став кон Израел, при што Словенија ја призна Палестина во 2024 година, а следната година воведе и санкции против израелските министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич. Поради молкот од Љубљана, останува нејасно дали одлуката е поврзана со политички околности или со други причини.