Британската полиција уапси маж под сомнение за нарушување на јавниот ред и поседување оружје во близина на домот на Ендру Маунтбатен-Виндзор во Норфолк, објави Би-Би-Си.
Инцидентот се случил во средата околу 19:30 часот во селото Волвертон, кое се наоѓа во близина на кралскиот имот Сандрингам. Според полициските информации, службите добиле пријава за вознемирувачко и заканувачко однесување на непознато лице.
Британскиот весник „Телеграф“ пренесува дека маж со маска (фантомка) наводно се стрчал кон Маунтбатен-Виндзор додека тој бил на рутинска прошетка со своите кучиња. Ендру и член на неговото приватно обезбедување успеале брзо да реагираат, да влезат во автомобил и да се оддалечат од местото, додека осомничениот наводно трчал по возилото.
Полицијата во Норфолк потврди дека осомничениот е приведен во полициската станица во Кингс Лин, каде што е задржан на испрашување.
Инцидентот се случил во близина на „Марш Фарм“, дел од имотот Сандрингам, каде што Маунтбатен-Виндзор се пресели откако ја напушти Кралската ложа (Royal Lodge) во Виндзор.
Тој се повлече од јавниот живот и од кралските должности поради контроверзите поврзани со неговите контакти со покојниот Џефри Епштајн.
Барање за коментар е испратено до неговата канцеларија, но засега нема официјална изјава.