Иран воспоставува нов механизам за управување со поморскиот сообраќај низ Ормутскиот Теснец, пренесува државната телевизија „Press TV“.
Според новиот систем, сите бродови што планираат транзит низ овој стратешки важен премин, ќе добиваат електронско известување од адреса поврзана со телото наречено „Persian Gulf Strait Authority“ (PGSA). Во дописот ќе бидат прецизирани строгите правила и прописи за пловидба низ теснецот.
Согласно новите регулативи, пловилата ќе мора да обезбедат посебна дозвола за транзит пред да влезат во водите на теснецот, кој се смета за еден од клучните глобални коридори за транспорт на нафта. Оваа иницијатива е опишана како „суверен систем за управување“ и веќе е ставена во оперативна функција.
Во моментов, во Ормутскиот Теснец паралелно се применуваат два системи за регулација – ирански и американски, со цел да се гарантира сигурноста на меѓународната пловидба.
Сепак, најновите податоци покажуваат дека фреквенцијата на бродови низ теснецот и понатаму е во значително опаѓање, без најави за враќање на вообичаениот интензитет од периодот пред почетокот на конфликтот.