Германско семејство доби отштета од повеќе од 900 евра по судска пресуда, откако за време на одморот на грчкиот остров Кос не можело редовно да користи лежалки покрај базенот поради нивно рано „резервирање“ со пешкири од страна на други гости.
Според пресудата на Окружниот суд во Хановер, семејството престојувало 11 дена во хотелски комплекс за што платило аранжман од 7.186 евра. Туристите навеле дека лежалките биле заземани уште во раните утрински часови, иако хотелот имал јасно истакнати правила дека таквата практика е забранета.
И покрај повеќекратните поплаки до персоналот и туристичкиот водич, проблемот не бил решен. Според сведочењето, семејството секое утро се обидувало да најде слободно место, но успеале само еднаш, додека во останатите денови децата биле принудени да седат на пешкири поставени на земја.
Судот оценил дека хотелот не ги обезбедил условите ветени во туристичкиот аранжман и пресудил во корист на гостите. Во образложението е наведено дека, иако хотелите не се обврзани да обезбедат лежалка за секој гостин поединечно, тие имаат законска обврска да понудат разумен број места согласно капацитетот на објектот и бројот на посетители.