Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати сериозни обвинувања за непотизам кон Изет Меџити, оценувајќи дека неговото политичко дејствување е подредено на лични и семејни интереси.
„Изет Меџити, политичарот кој акумулираше милионско богатство додека го осиромашуваше Чаир, денес се обидува да се претстави како промена, но граѓаните ја знаат вистината. Неговата политичка структура функционира според логиката на семејна лојалност и контрола преку блиски луѓе. Повеќе од 20 години, тој и неговата група го узурпираа претставувањето на Албанците во Скопје и ја уништија иднината на цела генерација млади“, стои во соопштението на ДУИ, од каде додаваат дека на Албанците не им е потребно рециклирање на старата матрица на вазалство и злоупотреба.
На овие напади експресно реагираа од коалицијата ВЛЕН, од каде наведуваат дека критиките се политички мотивирани од статусoт на ДУИ како опозиција.
„ДУИ го репризира стариот филм. Изет Меџити е нивната најболна точка затоа што тој, заедно со народот, ги испрати во опозиција. За разлика од кадрите на ДУИ, Меџити не е производ на канцелариите на Али Ахмети, туку има легитимен мандат од граѓаните како градоначалник и пратеник, освоен на терен“, соопштуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата возвратија дека токму во ДУИ тесен круг луѓе ја приватизирале партијата заради личен комфор и тендери.
„Најголемите фотелјаши се во ДУИ. Луѓе како Бујар Османи и Блерим Беџети, кои со децении се на функции, сè уште зборуваат за заштита на Албанците, додека во реалноста ги гледаат граѓаните само како бројка за гласање. Оваа демагогија веќе не поминува. Тие сè уште сонуваат за времето на Груевски и сојузништвото со Мијалков, додека со години ги лажат сопствените активисти за враќање на власт“, се додава во реакцијата на ВЛЕН, потсетувајќи на резултатите од последните избори.