Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Врховен суд: Камчев нема право на отштета од 1,5 милиони евра за „Рекет“

Врховниот суд донесе конечна одлука дека бизнисменот Јордан Камчев нема право да бара надомест од 1,5 милиони евра во граѓанската постапка поврзана со предметот „Рекет“. Највисокиот суд оцени дека тој не може да се смета за оштетена страна во овој случај.


Според објавата на „Призма“, одлуката ја донел совет од петмина врховни судии, кои утврдиле дека Камчев нема правен основ да ги побарува средствата што ги дал. Претходно, преку својот адвокат Александар Михајловски, тој поднел барање за ревизија на одлуките на пониските судови кои веќе му ја одбија тужбата.


Камчев во 2022 година покрена тужба против Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец, како и против поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), барајќи солидарно враќање на парите кои, според неговите наводи, ги дал како рекет. Во текот на постапката, тој се откажа од тужбата против Милевски.


Во образложението, Врховниот суд наведува дека тужителот се впуштил во „морално недопуштено договарање“ со тужените со цел да си ја олесни положбата во предметот „Империја“.


„Кога двете страни се несовесни, ниту една од нив не може да го поврати назад даденото“, стои во пресудата на Врховниот суд.


Судот оценил дека со давањето на парите Камчев сторил кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, заклучувајќи дека евентуалното обештетување би значело нарушување на интегритетот на правосудниот систем.

Последни теми