Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „Евроњуз Бугарија“ изјави дека во последната година не е забележан доволен напредок во реформите потребни за евроинтеграциите.
Тој предупреди дека земјата ризикува да ги изгуби предвидените 47 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија доколку не ги спроведе неопходните реформи, при што тие средства би можеле да бидат пренасочени кон други земји од регионот.
„Ако земјата не ги спроведе потребните реформи, 47 милиони евра нема да одат кај неа, туку кај соседните држави. За жал, сè уште не гледам дека се преземаат потребните чекори. Во овој момент, не гледам политичка волја од страна на Владата за сериозно обврзување, особено кога станува збор за владеењето на правото и независноста на судството. Сепак, јас сум тука за да дадам поддршка и да му помогнам на регионот да напредува, затоа нема да се откажам“, нагласи Вајц.
Вајц додаде дека иако постојат одредени позитивни чекори, како акцискиот план за малцинствата, потребна е целосна имплементација на реформите за да продолжи пристапниот процес.
„Вклучувањето на малцинствата, меѓу кои и Бугарите, во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите со ЕУ, но за да започнат вистинските преговори, Владата мора суштински да ги спроведе реформите“, додаде известувачот.
Според него, доколку реформите се реализираат, постои можност Северна Македонија да напредува заедно со другите земји од Западен Балкан во процесот на пристапување. Во меѓувреме, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, предупреди дека земјите од регионот може да останат без средствата од Планот за раст доколку не ги исполнат условите во предвидените рокови.