Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека системот „Безбеден град“ до крајот на годината ќе биде целосно имплементиран низ државата, со цел подобрување на безбедноста и сообраќајниот ред.
Според него, камерите и дигиталниот надзор ќе се активираат веднаш штом се исполнат техничките услови во општините и градовите.
„Штом се исполнат техничките услови на локално ниво, системот веднаш се активира. Нема да се чека сите градови да бидат подготвени во ист момент“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека проектот веќе покажува позитивни резултати во делот на сообраќајната безбедност и дека целта е граѓаните да живеат во побезбедна средина.
Министерот предупреди и на појава на лажни пораки за наводни сообраќајни прекршоци кои им се испраќаат на граѓаните. Надлежните институции, како што рече, работат на откривање на изворот на измамите, а граѓаните се повикани да не отвораат сомнителни линкови и да ги пријавуваат ваквите случаи.