Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на вежбата „Блесок 26“ на армискиот полигон Криволак, изјави дека Европската Унија треба да ги применува Копенхашките критериуми на ист начин како што Алијансата ги применува своите стандарди.
Таа посочи дека вежбата ја демонстрирала високата подготвеност и професионалност на македонската Армија, нагласувајќи дека единиците ги исполниле високите НАТО-стандарди за стручност и компетентност.
„Мојата порака е — она што го прави НАТО со стандардите, да го прави Европската Унија со Копенхашките критериуми. Ако нè оценуваат според исполнувањето на Копенхашките критериуми, верувам дека ќе добиеме поинакви оценки“, истакна Сиљановска-Давкова.
Претседателката потенцираше дека проблем настанува доколку се применуваат двојни стандарди или доколку оценувањето не се темели на исполнувањето на критериумите, туку на други надворешни фактори.
Таа додаде дека земјата мора да продолжи со суштинското усогласување во областите како што се владеењето на правото, поделбата на власта и заштитата на човековите права, со цел забрзан напредок кон Европската Унија.