Опозициската СДСМ преку соопштение упати обвинувања дека цените на горивата повторно растат, што е спротивно на претходните изјави на премиерот Христијан Мицкоски дека состојбата е под контрола.
„Додека Христијан Мицкоски тврдеше дека ’нема поскапувања‘ и дека Владата ’контролира сè‘, горивата во Македонија повторно поскапеа. Ова е уште една лага. Европа отворено најавува економска криза, авиокомпаниите откажуваат летови поради скапиот керозин — само една германска компанија веќе најави откажување на 20.000 летови“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од партијата нагласуваат дека, покрај енергенсите, растат и цените на ѓубривата и на основните прехранбени производи, со што граѓаните се соочуваат со драстично зголемени трошоци за живот.
„Земјоделците се оставени без поддршка и без субвенции во време кога цените на ѓубривата повторно растат. Исто така, цените на основните животни намирници се зголемуваат од ден на ден. Граѓаните се оставени сами, со празни фрижидери и празни џебови“, обвинуваат од опозицијата.
СДСМ повторно побара итни мерки од Владата, вклучително и замрзнување на цените на основните производи, намалување на ДДВ-то за храна и горива, како и конкретна поддршка за ранливите категории граѓани со цел зачувување на стандардот и работните места.