Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Поскапува такси-превозот во Куманово: Стартот ќе чини 100 денари

Советот на Општина Куманово донесе одлука за зголемување на цената на такси-превозот по барање на превозниците. Со новата одлука, стартот на возењето ќе изнесува 100 денари и ќе вклучува превоз до два километри, додека секој нареден километар ќе се наплаќа по 40 денари.


Раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг-Спасовска, изјави дека зголемувањето на цените е резултат на порастот на трошоците за работа, пред сè на минималната плата и на цените на горивата.


„Сметаме дека нивното барање е оправдано. Новата цена ќе биде 100 денари за првите два километри, а секој нареден километар ќе чини 40 денари. Досега стартот беше 80 денари со вклучени два километри и 40 денари за секој нареден“, појасни Ланг-Спасовска.


Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, истакна дека решението е донесено по конструктивни разговори со превозниците, со цел да се најде баланс меѓу нивните потреби и стандардот на граѓаните.


„Покачувањето е значително помало од првичното барање на превозниците, кое изнесуваше околу 30 отсто. Предлогот на Општината е најприфатлив за граѓаните, а верувам дека со овие цени и таксистите ќе можат да обезбедат пристојни приходи“, изјави Ѓорѓиевска.


Таа дополнително укажа на проблемот со таксистите кои работат без лиценца, нагласувајќи дека тие претставуваат нелојална конкуренција, и упати апел до надлежните институции за засилени контроли на терен.

Последни теми