Патрола на ЕУФОР, составена од припадници на армиите на Турција и Северна Македонија, спасила две лица од автомобил кој излетал од магистралниот пат кај Тузла и завршил во канал покрај коловозот.
Несреќата се случила околу 14:00 часот, кога автомобил „Фолксваген голф 5“ изгубил контрола, излетал од патот и удрил во дрвја покрај каналот. Возилото останало заглавено и делумно потопено, а маж и жена кои се наоѓале внатре се обидувале да излезат поради страв дека автомобилот може да потоне или да се преврти.
По забележувањето на несреќата, припадниците на ЕУФОР веднаш интервенирале и започнале спасувачка акција, во која се вклучиле и цивили што се нашле во близина.
Поради сомнеж за повреди кај жената, меѓу кои и можни скршеници, спасувачите постапиле внимателно. Со помош на скали, искористени како импровизирани носила, жената била безбедно извлечена од каналот.
Од ЕУФОР соопштија дека остануваат посветени на безбедноста на граѓаните во Босна и Херцеговина и им оддадоа признание на своите припадници за брзата реакција и тимската работа во спасувачката акција.