Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, оствари дводневна работна посета на Брисел, каде што се сретна со високи претставници на европските институции и на Европскиот парламент.
Според соопштението од партијата, Османи разговарал со претставници на Европската служба за надворешна акција и на Европската комисија, како и со повеќе европратеници. На средбите доминирале прашањата за европската интеграција и состојбите поврзани со Охридскиот рамковен договор.
„Европскиот пат е блокиран, а Охридскиот договор се урива“, изјавил Османи по средбите.
Од ДУИ информираат дека тој изразил сериозна загриженост за процесите што, според него, негативно влијаат врз Рамковниот договор и меѓуетничката стабилност во земјата. Османи ја истакнал потребата од итно надминување на застојот во евроинтеграциите и повикал на поголема ангажираност и од домашните институции и од европските партнери.