Владата ја продолжува поддршката за домашната економија преку нов трансфер на средства во износ од 176,6 милиони денари (околу 2,9 милиони евра) кон Развојната банка.
Станува збор за втора транша годинава која од Буџетот се насочува кон Развојната банка, а потоа преку комерцијалните банки се пласира до домашните компании. На овој начин, средствата директно се трансформираат во инвестиции во реалниот сектор.
Со оваа транша, вкупниот износ на поддршка за стопанството достигна околу 14 милијарди денари, или приближно 227,3 милиони евра, што претставува значителен обем на финансиска помош за бизнис-секторот.
Средствата се обезбедени преку кредитната линија од Унгарската експорт-импорт банка и се наменети за поттикнување на инвестициската активност и развојот на компаниите. Кредитите се доделуваат преку деловните банки под поволни услови: каматна стапка од 1,95 % годишно, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години.
Во рамки на државниот буџет, за оваа програма се предвидени вкупно 250 милиони евра, а се очекува преку нив да се генерира инвестициски циклус од околу 300 милиони евра, со потенцијал дополнително да го забрза економскиот раст.