Премиерот Христијан Мицкоски, на седницата посветена на пратенички прашања, изјави дека во државата не постои противење за користењето на албанскиот јазик. Тој нагласи дека сите граѓани се третираат подеднакво, без разлика на нивната етничка припадност.
„Никој нема ништо против користењето на јазиците во Македонија што ги употребуваат делови од народите на одредени територии или на целата територија, во овој случај албанскиот јазик, ниту пак некој некогаш го спорел тоа. Ќе дадам пример: вчера во посета беше претседателот на Швајцарската Конфедерација и додека тој се обраќаше на англиски јазик, во позадина имаше превод на македонски и на албански јазик. Иако Уставот вели дека единствен јазик во меѓународна употреба е македонскиот, тоа не ни пречеше. Дури и моето обраќање беше преведено на албански јазик и тоа нема да ни пречи ниту во иднина“, изјави Мицкоски во одговор на прашањето од пратеникот Блерим Беџети.
Во однос на Законот за јазици, премиерот посочи дека препораките ги дава Венецијанската комисија, но уставноста е во надлежност на Уставниот суд.
„За тоа дали законот е уставен одлучува Уставниот суд, чиј актуелен состав беше избран токму од вашето мнозинство. Ова парламентарно мнозинство се обидува да ги коригира недостатоците што ги оставија СДСМ и ДУИ. Така, со измените во Законот за социјална заштита овозможивме вработените во детските градинки испитот за работа во предучилишниот систем да го полагаат на албански јазик — нешто што вие не го направивте“, додаде Мицкоски.
Премиерот истакна дека фокусот на Владата останува на политиките што го подобруваат животниот стандард на граѓаните.
„Дваесет години не направивте ништо, пред сѐ за Албанците. Но, и тие се свесни — сакаат квалитетно здравство, повисоки пензии и плати, подобро образование. Не им требаат овие теми. Оваа Влада нема да дозволи евтино да си поигрувате со чувствата на Албанците. Додека светот напредува, вие се обидувате со ситен популизам да добиете поени, но тоа време заврши“, заклучи Мицкоски.