Општина Чаир започна акција за отстранување на над 200 хаварисани и напуштени возила од јавните површини, со цел ослободување на паркинг-просторот и подобрување на урбаниот ред.
Од Општината информираат дека со оваа мерка веднаш се ослободуваат стотици паркинг-места за жителите, што треба да овозможи подобри услови за движење и паркирање во повеќе делови на Чаир. Воедно, акцијата има и еколошки ефект преку отстранување на возилата кои долго време претставувале проблем за околината.
„Од денес ослободуваме стотици паркинг-места за граѓаните и истовремено отстрануваме долгогодишен еколошки проблем. Ова се конкретни резултати што се гледаат и се чувствуваат секојдневно во Чаир“, изјави Меџити.
Од Општина Чаир најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со активностите насочени кон подобрување на јавните простори и квалитетот на животот на граѓаните.