Јане Ченто, еден од осудените за настаните од 27 април 2017 година, денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешната обвинителка Вилма Русковска.
Пријавата се однесува на сомневања за попречување на правдата и злоупотреба на службената положба и овластување во рамки на постапката за случајот „27 април“. Ченто изјави дека до Обвинителството се доставени докази кои, според него, го доведуваат во прашање начинот на кој се водела истрагата и целиот судски процес.
„Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во оваа постапка, меѓу брат на еден висок функционер и сведок, на можни договори со обвинителот, како и на насочување на сведочењето што го даде сведокот во таа постапка. Сведокот со изјава заверена на нотар изјавува дека неговиот претходен исказ даден во постапката бил невистинит и дека му било ветено дека ќе му се помогне во други кривични постапки доколку даде таков исказ. Дополнително, постои вештачење на телефони од овластен судски вештак, кои ја поткрепуваат изјавата на сведокот заверена на нотар. Го повикувам Јавното обвинителство темелно да ја разгледа пријавата и доказите“ порача Ченто.
Тој додаде дека станува збор за сериозни наводи поврзани со постапката, додека од надлежните институции засега нема официјална реакција.