Јане Ченто најави дека ќе поднесе кривична пријава против поранешната јавна обвинителка Вилма Русковска, а повеќе детали ќе соопшти на прес-конференцијата закажана за денеска (27 април), во 12:00 часот, пред Основното јавно обвинителство во Скопје.
Според најавата, на пресот ќе бидат презентирани аргументи и информации поврзани со судските постапки за настаните од 27 април 2017 година. Ченто посочува дека овој чекор означува почеток на процес за утврдување на одговорноста.
Апелациониот суд минатата недела информираше дека е одбиено барањето за повторно судење на осудените за насилствата при упадот во Собранието на 27 април 2017 година, оценувајќи ја поднесената жалба како неоснована.
Во 2019 година, Ченто беше правосилно осуден на затворска казна за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ во предметот „27 април“, поврзан со собранискиот упад, додека дел од останатите обвинети во овој процес беа опфатени со законот за амнестија донесен во 2018 година.