Полицијата поднесе кривични пријави против две лица од Дебар и дебарско поради сомнение за измама, откако преку лажна приказна за лекување на наводно болно дете прибавиле парични средства од граѓани.
Според информациите од СВР Охрид, пријавените се 19-годишна девојка од селото Селокуќи и 28-годишно лице од Дебар, кои во периодот од 10 до 12 март довеле во заблуда повеќе граѓани преку социјалните мрежи.
„Првопријавената, поттикната од второпријавениот, преку профил на социјална мрежа со кој управувал второпријавениот, лажно прикажувала факти и собирала парична помош за операција, односно лекување на наводно болно дете од Дебар. На овој начин, лицата се стекнале со противправна имотна корист од околу 3.200 евра и 6.000 денари“, информираа од полицијата.
Од МВР апелираат граѓаните да бидат крајно внимателни, да не споделуваат лични податоци и да не донираат средства преку непроверени профили и извори.