Јане Ченто, осуден за настаните од 27 април 2017 година, заедно со Богдан Илиевски и Борис Дамовски, денеска поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против поранешната обвинителка Вилма Рускоска.
Подносителите информираа дека целта е повторно разгледување на случајот, при што ќе достават дополнителни докази кои, според нив, не биле прифатени во претходниот процес и кои, како што тврдат, укажуваат на незаконски постапки и притисоци врз сведоци.
„Повеќе од осум години се соочуваме со системска неправда. Денес официјално поднесовме кривична пријава против поранешниот јавен обвинител со иницијали В.Р., согласно член 368-а за попречување на правдата и член 353 за злоупотреба на службената должност. Доставивме докази до Јавното обвинителство кои се поврзани со 27 април и сериозно го доведуваат во прашање начинот на кој беше водена истрагата и судскиот процес“, порача Ченто.
Реакција следуваше и од Вилма Русковска, која посочи дека обвинителите се само една страна во постапката, додека конечните одлуки ги носат судовите.
„За разлика од Јане Ченто, јас се борам со силата на аргументите и доказите, а не со насилство. Насилството никогаш не е решение. Одлуката беше потврдена од Апелациониот и од Врховниот суд, што значи дека нема незаконско постапување во ниту еден сегмент. Според мене, ова е манипулација со јавноста, бидејќи едно од предизборните ветувања на актуелната власт беше токму ослободување на обвинетите за 27 април“, изјави Русковска.
Ченто во 2019 година беше правосилно осуден на затворска казна од 13 години за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ во предметот „27 април“, поврзан со упадот во Собранието, додека дел од останатите обвинети добија амнестија со закон донесен во 2018 година.