ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) воведува нов модел за организација и користење на јавните паркиралишта, со цел да се зголеми достапноста за жителите, да се подобри ефикасноста во управувањето и да се унапреди квалитетот на услугите.
Со измените во подзаконските акти на претпријатието, жителите на Центар ќе продолжат да користат паркинг во зоната на живеење под повластени услови, но новина е што секоја станбена единица ќе има обезбедено бесплатно паркирање за едно возило. Оваа мерка, според надлежните, треба да гарантира приоритет и поголема достапност за локалното население.
Директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, изјави дека со новите решенија се воспоставува појасен и поправеден систем.
„Со овие измени воведуваме појасен и поправеден систем на користење на јавните паркиралишта, во кој жителите го задржуваат приоритетот во секторот на живеење. Истовремено, создаваме основа за сериозен инвестициски циклус, модернизација на инфраструктурата и унапредување на услугите што секојдневно ги користат граѓаните“, истакна Коцевски.
Новите мерки предвидуваат и подобра организација на паркинг-системот, поефикасна контрола и оптимално користење на постојните капацитети, што треба да придонесе за намалување на сообраќајниот притисок и за поттикнување на поодржливи навики.
Средствата од наплатата ќе се инвестираат во модернизација, дигитализација и подобрување на услугите, додека дел од измените опфаќаат и усогласување на цените за месечните карти, комерцијалните услуги и пајак-службата.
Како новина, се воведува и „Зона Х“ – хуманитарни паркинг-места, чии средства ќе се донираат за ранливи категории граѓани во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оцени дека станува збор за функционално и одржливо решение во интерес на граѓаните.
„Овие измени се во насока на појасно уредување на повластеното паркирање и поефикасно користење на јавниот паркинг-простор. Целта е жителите да имаат подобра достапност до паркинг во близина на своите домови, а системот да биде пофер, поодржлив и подготвен за понатамошни инвестиции и модернизација“, изјави Герасимовски.