Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека е забележан пораст од околу 120% на трансакциите на платформата за интероперабилност. Според него, ова укажува на значително зголемена дигитална размена на податоци меѓу институциите во земјата.
На регионалната конференција на сметководители, Андоновски појасни дека оваа платформа овозможува институциите директно да ги споделуваат потребните информации, со што се елиминира потребата граѓаните да бидат посредници меѓу шалтерите.
„За бизнисот, дигиталната трансформација значи побрзи постапки, пониски административни трошоци и помала неизвесност. Бизнисот не треба да биде курир меѓу институциите. Податоците треба да се движат, а не граѓаните и компаниите“, изјави Андоновски.
Министерот додаде дека целта е целосно поедноставување на јавните услуги и подобрување на деловната клима. Како клучна точка во оваа трансформација тој го посочи Националниот портал за услуги, преку кој се олеснува пристапот до административните сервиси за сите субјекти.