Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Андоновска: Нема простор за паника поради хантавирусот

Институтот за јавно здравје е подготвен да реагира доколку се појави случај на хантавирус во земјава, но во моментов нема опасност за македонските граѓани, изјави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.


„ИЈЗ е подготвен со протоколи доколку има потреба од каква било реакција, а воедно ги поседува потребните реагенси, опрема, кадар и методологија за дијагностика доколку се појави потреба. Да потенцирам дека граѓаните во овој момент можат да бидат спокојни бидејќи исто така сме информирани од Светската здравствена организација дека на бродот не постои македонски државјанин ниту како патник ниту како член на екипажот, што е доста значајно за нас“, рече Андоновска.


Таа посочи дека Секторот за епидемиологија е во постојана комуникација со Светската здравствена организација и со Европскиот центар за контрола на болести, од каде секојдневно се добиваат информации и насоки.


Андоновска објасни дека хантавирусот не е нов и дека постојат евроазиски и американски типови.


„Европско-азискиот се дијагностицира во Македонија од 2015 година. Досега сме имале 32 случаи од кои тројца се починати. Овој што сме го имале во Македонија се пренесува само од глодар на човек, не се пренесува од човек на човек и симптоматологијата му е различна од оној кој во моментот е детектиран на крузерот. Вирусот што е откриен сега на крузерот не сме го регистрирале кај нас досега“, рече директорката.


Таа апелираше граѓаните да одржуваат високо ниво на хигиена и да избегнуваат консумирање стара храна, семки, сончоглед и конзерви кои можеби биле изложени на глодари.


Дополнително, Андоновска препорача општините редовно да ја спроведуваат задолжителната дератизација.

Последни теми