Германските власти започнаа истрага откако во близина на Штутгарт било пронајдено сомнително шишенце со ознака „Полониум-210“. Пронајдокот предизвика сериозна загриженост кај безбедносните служби поради потенцијалното присуство на смртоносна радиоактивна содржина.
Предметот бил откриен од двајца мажи за време на традиционалната потрага по велигденски јајца во градина во градот Вајхинген на Енц (Vaihingen an der Enz). По пријавата, веднаш била спроведена итна интервенција на специјални полициски и противпожарни единици.
Началникот на противпожарната служба, Енди Дорох, изјави дека првичните мерења на терен, за среќа, не покажале покачено ниво на радијација, а лицата кои стапиле во контакт со предметот не се повредени.
Шишенцето е преземено од покраинското Министерство за животна средина под строги безбедносни протоколи. Надлежните најавија детална лабораториска анализа за да се утврди дали во него навистина има опасна супстанција и дали ќе биде потребна дополнителна деконтаминација на теренот.
Полониум-210 е исклучително опасен радиоактивен изотоп кој може да биде фатален доколку се вдише, голтне или ако навлезе во организмот преку отворена рана. Случајот предизвика голем интерес во јавноста, потсетувајќи на славните инциденти со оваа супстанција, пред сè труењето на поранешниот руски агент Александар Литвиненко во Лондон во 2006 година.