Полициски службеници од СВР Струмица денеска (12 април 2026 година) го лишиле од слобода 43-годишниот И.Д. од Гевгелија, поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. Претходно, на 11 април околу 21:20 часот, на регионалниот пат Богданци – Гевгелија, на местото викано „Шарен мост“, патничко возило „фолксваген“ со бугарски регистарски ознаки, управувано од осомничениот, излетало од коловозот.
По несреќата, возачот го напуштил местото на настанот, но набрзо бил пронајден и приведен. На местото на излетувањето биле затекнати шест повредени мигранти од Египет. Едно лице со тешки телесни повреди е итно пренесено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, додека останатите пет патници и возачот се здобиле со телесни повреди.
За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а увид на местото извршила екипа на ОВР Гевгелија. По целосно документирање на случајот, против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава.