Цената на суровата нафта на европските берзи се искачи на ниво од речиси 150 долари за барел, како последица на зголемените тензии поврзани со евентуалните ограничувања на поморскиот сообраќај во Ормускиот Теснец. Пазарите експресно реагираа на најавите за мерки кои би можеле директно да влијаат врз транспортот на енергенти од овој регион, кој е од витално значење за глобалното снабдување.
Според достапните информации, по неуспехот на преговорите меѓу САД и Иран, биле разгледувани опции за ограничување на пристапот до иранските пристаништа. Во меѓувреме, од Вашингтон пристигнаа појаснувања дека нема намера целосно да се попречува поморскиот сообраќај, но ваквите контрадикторни сигнали внесоа дополнителна неизвесност кај трговците.
Официјален Техеран остро реагираше на најавените рестрикции, оценувајќи дека таквите чекори претставуваат грубо прекршување на меѓународното право. Истовремено, иранските власти упатија предупредување дека секое приближување на странски воени бродови во овој реон ќе се третира како директна провокација.
Паралелно со ова, информациите за можни нови воени активности дополнително ја зголемуваат загриженоста кај инвеститорите. Економските аналитичари се децидни дека безбедносната состојба околу Ормускиот Теснец останува примарен фактор за нестабилноста на глобалниот енергетски пазар во претстојниот период.