Руските власти соопштија дека украински беспилотни летала извршиле напад врз нафтен терминал на Црното Море, кој е дел од Каспискиот нафтоводен конзорциум (ЦПЦ) – клучна артерија преку која се транспортираат огромни количини сурова нафта на светскиот пазар.
Според руското Министерство за одбрана, цел на нападот биле објектите за претовар на терминалот „Јужна Озерејевка“, лоциран во близина на Новоросијск. Овој терминал е од витално значење за глобалната енергетика, со оглед на тоа што преку него поминува околу 80 отсто од вкупниот извоз на нафта од Казахстан. Меѓу акционерите на конзорциумот се и големите светски енергетски гиганти како „Шеврон“ и „Ексон Мобил“.
Официјална Москва наведува дека целта на нападот била да се предизвика сериозна економска штета, не само на Русија, туку и на меѓународните компании вклучени во овој проект. Настанот се оценува како еден од најзначајните удари врз енергетската инфраструктура на Црното Море од почетокот на конфликтот.
Дополнително, според информации на новинската агенција „Ројтерс“, пожар избувнал и на нафтениот терминал „Шешарис“, оддалечен околу 15 километри од објектите на ЦПЦ. Овој капацитет обработува меѓу 600.000 и 700.000 барели нафта дневно, а минатата година преку него биле извезени речиси 20 милиони тони нафтени деривати.