Младата фудбалска репрезентација на Босна и Херцеговина одби да се поздрави со селекцијата на Израел пред почетокот на квалификацискиот натпревар за Европското првенство за играчи до 21 година.
Натпреварот се одигра на неутрален терен во Унгарија, а потегот на босанските фудбалери предизвика бура реакции и привлече големо внимание во јавноста.
Според информациите од теренот, поголемиот дел од босанските репрезентативци, наместо вообичаеното ракување при почетниот протокол, веднаш се упатиле кон својата половина од игралиштето.
Овој чин беше протолкуван како тивок протест поради актуелната политичка и безбедносна состојба во светот, пред сè поврзана со конфликтите на Блискиот Исток.
Од израелската страна немаше побурна реакција, па натпреварот продолжи вообичаено по краткиот прекин на протоколот пред самиот старт.
Настанот предизвика поделени мислења на социјалните мрежи и во спортските кругови. Додека дел од јавноста го поддржа ваквиот став, други сметаат дека спортот мора да остане надвор од политичките влијанија и случувања.