Европа би можела да се соочи со економски удар посилен и од кризата предизвикана од Ковид-19, предупредуваат економските аналитичари и истражувачките центри.
Според проценките, главните ризици произлегуваат од комбинација на фактори, меѓу кои се геополитичките тензии, можните прекини во снабдувањето со енергенси и забавениот економски раст во повеќето европски земји.
Експертите посочуваат дека евентуалната ескалација на глобалните конфликти може да предизвика нов бран на поскапувања на енергенсите. Ова директно би се одразило врз индустријата, транспортот и, воопшто, врз животниот стандард на граѓаните.
Дополнително, се нагласува дека европската економија веќе е во чувствителна фаза — со умерен раст, инфлациски притисоци и намалена куповна моќ — што ја прави дополнително ранлива на надворешни шокови.
Анализите укажуваат дека доколку овие ризици се остварат, последиците би можеле да бидат многу подлабоки и подолготрајни во споредба со ковид-кризата, особено поради веќе исцрпената економска основа.
Економистите потенцираат дека клучниот фактор ќе биде понатамошниот развој на глобалната ситуација, како и способноста на европските институции навремено да реагираат со соодветни мерки за стабилизација.