Израел изврши една од најжестоките серии воздушни напади врз Либан, при што се убиени најмалку 250 лица, и покрај неодамнешниот договор за прекин на огнот меѓу Вашингтон и Техеран. Според извештаите на „Ал Џезира“, нападите погодија повеќе од 100 цели низ земјата, вклучувајќи го Бејрут и долината Бека, каде што се регистрирани стотици ранети.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека операцијата била насочена кон позиции на Хезболах. Сепак, либанските власти и очевидци тврдат дека во нападите се убиени цивили во густо населени области, кои биле погодени без претходна најава. Болниците во главниот град се под огромен притисок и едвај се справуваат со приливот на настрадани.

Оваа операција претставува најсмртоносна ескалација од почетокот на конфликтот. И покрај дипломатскиот договор меѓу САД и Иран, израелските власти јасно истакнаа дека Либан не е дел од тоа примирје и дека операциите ќе продолжат со несмален интензитет.
Ваквите чекори предизвикаа остри реакции од Техеран и Бејрут, со предупредувања дека масовното убивање на луѓе во Либан може целосно да го поништи примирјето и да доведе до тотален регионален конфликт.



