Во трката за нов државен јавен обвинител, обвинителката Ленче Ристоска го помина филтерот на Советот на јавни обвинители, но Владата ја исклучи од понатамошната селекција. Во игра остануваат тројца кандидати: Анита Тополова Исајловска, Лидија Раичевиќ и судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски.
Оваа елиминација ја најави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Канал 5, изјавувајќи дека Владата сè уште го нема добиено записникот од Советот и дека ќе се произнесе по неговото официјално пристигнување.
На прашање дали сите четворица кандидати се во трка, вклучително и Ристоска — која своевремено беше дел од згаснатото СЈО и застапува две обвиненија против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ — Мицкоски одговори: „Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е дека тоа име не е во игра. Од четворица, тројца се во игра“.
Реакцијата на Ристоска: „Ова отвора прашања за критериумите“
Ристоска денеска му порача на премиеротдека исклучување на кандидат однапред, без анализа на програмата и професионалниот пат, отвора прашања за критериумите кои Владата ги применува.
„Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, изјави таа.
Ристоска додаде дека професионалците во системот мора да знаат дека единствената валута што треба да одлучува се трудот и стручноста, предупредувајќи дека спротивното испраќа опасна порака за демократското општество.