Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за актуелната војна, соопшти Кремљ. Според соопштението кое го пренесува руската државна новинска агенција ТАСС, Путин за време на разговорот изразил сочувство поради смртта на иранскиот врховен водач, други функционери и цивили кои загинале во земјата.
Иранскиот претседател ѝ се заблагодарил на Русија за поддршката и детално го информирал Путин за ситуацијата во Иран.
Во соопштението на Кремљ се наведува дека е договорено двете страни да продолжат со контактите преку различни канали.
Разговорот доаѓа во момент кога се појавуваат информации дека Русија му обезбедува на Иран разузнавачки податоци кои би можеле да помогнат во напади врз американските сили во регионот.
Портпаролката на Белата куќа Каролин Левит претходно, запрашана дали можното руско вклучување во конфликтот влијае врз американските напори за посредување во завршувањето на војната во Украина, изјави дека Вашингтон и натаму смета дека мирот е „остварлива цел“.
Сепак, таа не сакаше да потврди дали Москва навистина му доставила такви информации на Техеран.