Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Филков бара одговорност за куќниот притвор на Груби – ЈО: Одлуката ја носиме по претходна проценка на МВР и АНБ за безбедноста

Иако во одлуката за куќниот притвор на Артан Груби проценка за безбедноста ја носат МВР и АНБ, министерот за правда Игор Филков критиките за одредување домашен притвор ги насочи кон Јавното обвинителство и судот. Филков вели дека нивната одлука е скандалозна со што довербата во правниот систем е разнишана и побара да дадат објаснување за одлуката, а од Судскиот совет побара да утврдат дали постои основ за одговорност кај оние кои ја изрекле мерката.


-Јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот. Раководителот на Обвинителството Анел Фидоски дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје Марин Станевски кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци било недостапно, вели министерот за правда, Игор Филков.


Во меѓувреме од Јавното обвинителство преку соопштение објаснуваат дека за одлуката за куќен притвор за Груби во предметот Државна лотарија се воделе според законот за кривична постапка, односно според насоките дадени од МВР и АНБ.


-Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценката на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност од коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка, велат од ОЈО.


Филков вели дека доколку постои закана за Груби државата има механизми за да обезбеди безбедност во затворскиот притвор. Ја префрла ли министерот одговорноста врз Јавното обвинителство и судот во случај кога проценката за безбедност ја носат МВР и АНБ.


-Апсолутно не префрлам одговорност никому, само ги констатирам состојбите и ги артикулирам многу гласно, изјави министерот за правда, Игор Филков.


Одлуката за замена на ефективниот со куќен притвор на Груби беше донесена вчера доцна попладне откако Јавното обвинителство предложи а судот прифати тој да биде во домашен притвор, но откако претходно од МВР и АНБ добиле проценка дека тој не е безбеден во затворот Шутка.

Последни теми