Студентите во Македонија се соочуваат со барања од Управата за јавни приходи (УЈП) да пријават и платат данок за приходи остварени во странство, најчесто преку програмите за сезонска работа.
Според информации од студентски организации, дел од студентите добиле известувања да поднесат електронска даночна пријава (Е-ПДД), да ги пријават приходите заработени во странство и да платат данок на средствата кои ги добиле, вклучително и поврат на данок од Германија. 
Најголем дел од реакциите доаѓаат од студенти кои работеле преку програмите „Work and Travel“, каде што данокот веќе бил задржан од платата во земјата каде што работеле. По завршување на работниот ангажман, тие добиле поврат на дел од тој данок, кој сега УЈП го третира како нов приход. 
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што, според сведоштвата, во одредени случаи се бара данок ретроактивно за период од 2020 до 2025 година, што создава конфузија и незадоволство кај студентите. 
Студентите посочуваат дека постои ризик од двојно оданочување, иако Македонија има договор со Германија за избегнување на вакви ситуации. Сепак, останува нејасно како овие правила се применуваат во конкретните случаи, особено кога станува збор за поврат на веќе платен данок. 
Студентските организации најавуваат дека ќе побараат дополнителни појаснувања од надлежните институции, со цел да се утврдат јасни правила и да се избегнат различни толкувања во иднина.