Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека има информации во врска со марихуаната која беше фатена во Србија, а која излегла од земјава, но рече дека во интерес на истрагата не би сакал да споделува детали. За обвинувањата на опозицијата за тоа како излегла марихуаната од земјава, Мицкоски вели дека има вмешани функционери од поранешната Влада и упати на детали од МВР.
– Во интерес на истрагата не би одел чекор понапред, можеби Министерството може да сподели некој детал. Тоа што го имав за овој случај го кажав. Има функционери, но од претходната Влада. Има фирма која што е сопственост на поранешен претседател на СДСМ во Ново Село односно негов син, и.т.н. Да не одиме повеќе во детали. Можеби МВР може повеќе да сподели, но во интерес на истрагата би се задржал на ова што можам, рече Мицкоски кој беше на увид на градежните работи на Коридорот 8 во Гостивар.
Вчера Јавното обвинителството соопшти дека постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.
Оттаму посочуваат дека истражната постапка се темели на докази обезбедени врз основа на документација доставена од МВР, како и од документација од оформен предмет на Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија добиена преку меѓународна правна помош.
-Според наводите во наредбата, осомничените, заедно со други засега неидентификувани лица, во неутврден период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година, се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога – кокаин и марихуана. Секој од членовите на групата имал јасно определена улога при преземање, држење и пренесување на наркотичната дрога марихуана, заради нејзина понатамошна неовластена продажба. Двајца од осомничените, за кои српското Обвинителство за организиран криминал води постапка, заеднички и по претходен договор со првоосомничениот во овој предмет кој е сопственик на правно лице од Скопје, како и со други неидентификувани лица, организирале набавка на наркотична дрога марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од Република Северна Македонија до Република Србија со товарни возила, заради натамошна продажба, се наведува во соопштението.