Група граѓани за утре (06.04.2026) најавија протестен марш во Скопје, изразувајќи незадоволство од, како што велат, неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
Маршот е закажан со почеток во 12:30 часот. Учесниците ќе тргнат од плоштадот „Карпошово востание“, ќе се движат по улицата „11 Март“, преку Камениот мост, па по улицата „Никола Вапцаров“, сè до крајната дестинација пред Министерството за правда на улицата „Димитрие Чуповски“.
Организаторите нагласуваат дека протестот е директна реакција на неможноста за полагање на правосудниот испит на албански јазик, што според нив претставува прекршување на постоечките законски одредби.
Поради најавениот марш, од СВР Скопје информираат дека ќе биде воведен посебен сообраќаен режим долж наведената траса. Сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници во зависност од движењето на колоната.
Од МВР апелираат до сите граѓани да ги почитуваат наредбите на полициските службеници со цел безбедно одвивање на настанот и сообраќајот.