Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Претседателката: „Страшно е секој 8 Март да броиме нови жртви“

Шокира фактот дека во 2025 имало 4 745 пријави за семејно насилство и шест случаи на убиство, а за два месеца во 2026 – веќе четири случаи на фемицид. Овие алармантни бројки се слика на општество во коешто е загрозено најосновното човеково право – правото на живот. Не цитирам статистика, туку нотирам пораз на институционалната превенција и навремената акција. Зад бројките се кријат животни приказни, семејни трагедии, неостварени соништа. Ова го нагласи претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на пленарната седница во Собранието „Правата и можностите на жените - достигнувања и перспективи“, која секоја година се одржува по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.


-Страшно е секој 8 март, да броиме нови жртви, да презентираме најнови статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги истите проблеми, презентирајќи брутални статистики, предлагајќи претходно предложени, но непреземени мерки и активности. И овој 8 март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената! Симболиката на празникот се изгуби во мракот на суровата, непоимлива и неприфатлива реалност, рече претседателката.


Таа посочи дека кучен момент е оној на пријавувањето и ако жената се соочи со човек којшто ѝ влева разбирање, поддршка, сигурност и надеж, таа ќе се охрабри да се избори за себе, ама ако биде пречекана од профил, за кој навредувањето и тепањето се дел од заедницата, ќе се посомнева во ефектите од преземениот чекор и ќе трпи. Затоа, посочи Сиљановска Давкова, обучените и сензибилизираните полицајци, социјални работници и судии се активни спасители или пасивни соучесници во делото.


- Зарем сè уште не сфативме и не научивме дека фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку врв и крај на долг, мачен процес на психолошки притисок, манипулација, тортура, страв, неизвесност и малку желби и надеж. До кога post festum ќе ламентираме и ќе тагуваме, наместо навреме да спречуваме и соодветно да санкционираме и да се радуваме со потенцијалните, но спасени жртви? Што стана со уставната обврска за посебната грижа и заштита на семејството?, запраша Сиљановска Давкова.

Последни теми